Попоски: Со деструктивна политика не се добиваат политички поени

Би рекол дека 2016-та беше година во која плативме висока надворешно политичка цена поради внатрешната политичка ситуација. Ова беше почеток и крај на секоја дискусија, сите оспорувања на патот кон НАТО и ЕУ беа поврзани со политичките потешкотии дома, истакна Министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервјуза ТВ НОВА.

„Сите бевме согласни дека прв предуслов за завршување на кризата се фер, демократски избори, нешто што докажавме дека можеме да го реализираме“, посочи Попоски.

Тој додаде дека после овие избори пораката е јасна – домашно да се фокусираме на домашните приоритети, а надворешно политички да го затвориме поглавјето во кое плаќаме цена поради внатрешно-политичката криза.

„Сметам дека една порака после овие избори треба да биде јасна, сите што сметаат дека со деструктивна политика ќе добијат политички поени, не ја одбрале вистинската опција и треба да се корегираат и да настапат во правец на заштита на националните интереси“, заклучи Попоски.