Попоски: Соседите да не се мешаат во внатрешните работи

Nikola Poposki попоски

Не е пристојно, ниту соодветно кога премиер или претседател од соседна земја, директно се меша во внатрешните работи. Особено не во период по демократски спроведени избори и пред формирање влада, бидејќи се испраќаат погрешни сигнали во регионот, реагираше синоќа министерот за надворешни работи Никола Попоски во однос на мешањето на Тирана и Приштина во внатрешните работи на Македонија.

Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедството. Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите, вели Попоски.

Реакцијата на Попоски доаѓа како осуда на мешањето на официјалните власти на Албанија и особено на албанскиот премиер Еди Рама во внатрешните работи на Република Македонија, откако албанските партии во Македонија, по консултации во Тирана и Приштина на лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Движењето „Беса“ Билал Касами и на Зијадин Села од Албанскиот сојуз, излегоа со заедничката „албанска платформа”.

Во Платформата тие се согласуваат за промена на Уставот, државните симболи и воведување на албанскиот како службен јазик во Република Македонија.

Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати вчера изјави дека Албанија не се меша во внатрешните работи на соседната земја, ниту пак вршела некакво влијание за можните коалиции и додаде дека ќе поддржат кој било процес кој ќе осигура демократија и стабилност на Македонија.

Во интервјуто за тиранската телевизија Топ чанел, искажувајќи поддршка на платформата на политичките партии на Албанците во Македонија за преговорите за нова влада, Бушати Македонците ги нарекува Славомакедонци, за што веќе пристигнаа голем број реакции, меѓу кои и од Македонците во Албанија.

Виолета Стоименова Наумоска