Пороен дожд, грмежи и засилен ветер во кумановско, во скопско и во штипско

Нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во моментов има во кумановско, во скопско и во штипско, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Локани врнежи од дожд со засилен ветер има на повеќе места, а врнежите се проследени и со електрични празнења. Во одредени подрачја има и појава на град.

Слаби врнежи од дожд има и во југоисточниот дел од земјава.

Од УХМР очекуваат нестабилноста постепено да се намалува во текот на ноќта.

Утре претпладне се уште ќе има повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет, а се очекува утре попладне времето да се стабилизира.

Температурите утре ќе опаднат за десетина степени во однос на денешните, а од вторник постепено ќе се покачуваат.