ПОТРЕБНА Е НАЈАВА И ПАРИ ЗА ВЛЕЗ: Се комлицира патувањето во ЕУ

Безвизниот режим на македонските граѓани со ЕУ земјите не е загрозен.

Новиот систем за дозвола за патување што го најави Европската комисија само воведува поголеми обврски, но, нема да се одбиваат барањата доколку патникот не направил никакви прекршувања на правилата за прстој, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

„Не би значело засегање во правото да влезете без виза. Не ви е потребна виза, потребно е само да се регистрирате дека доаѓате. Влез може да ви биде одбиен само врз други основи, со одредена причина, ако претходно сте го искористиле правото на престој или ако имате одредени прекршувања. Но, основното право да влезете без виза не ви го укинува системот. Системот воведува регистрација, воведува поголеми обврски, можно е да чини, американскиот чини 14 долари, засега не се споменува дали и колку ќе чини за влез на странци во ЕУ“, истакна Ристевска Јорданова.

Ристевска Јорданова смета дека е малку веројатно ЕУ да го воведе овој ситем до крајот на годинава, затоа што дискусиите по ваквите прашања воопшто не се лесни во Европската унија. Овие системи бараат хранење и соработка од државите-членки. Ова е нов предлог, откако пред три години имаше предлог за сличен систем, кој што не помина.

„Предлогот е предложен во април, доставен до државите членки, доставен до ЕП, ЕП сеуште нема извештај, таму Комисијата за граѓански слободи и правда и внатрешни работи треба да поднесе извештај, да расправа за тоа, така што, малку е амбициозно крајот на година, но ако нема поголеми забелешки од државите-членки и од Европскиот парламент, можно е да се забрза, но велам, тешко до крајот на декември. И во самата проценка е дадено дека системот би се имплментирал до 2020“, додаде Јорданова.

Според документот на ЕК од април годинава, на кој би се засновал новиот систем на ЕУ, граѓаните кои ќе сакаат да патуваат во Унијата ќе пополнуваат онлајн формулар со своите лични податоци и целта на патувањто, а потоа ќе треба да ја почекаат одлуката за тоа дали добиле или не дозвола за нивното патување. Ќе се собираат и биометриски податоци, отпечатоци од прсти и скенирање на лице.

Барањето за систем на ваква контрола дојде од Берлин и Париз, кои сметаат дека информациите прибрани преку овој систем ќе и овозможат на граничната полиција подобро да ги детектира ризичните профили на граѓани кои сега многу полесно можат да влезат во ЕУ земјите на краток престој.

Унијата го посочува безбедносниот аспект како мотив за воведување на овој систем, борбата против терозизмот и заштитата на надворешните граници, но медиумите го потенцираа и финансискиот мотив, поради проценките дека овој систем ќе го полни буџетот на ЕУ со 500 милиони до 2 милијарди евра годишно.

Познавачите сметаат дека овој систем е начин ЕУ да се заштити и од злоупотреба на визната либерализација, која што во отсуство на можност да им понуди членство, Унијата ја доделува на голем број земји.

Земји како САД, Канада и Австралија веќе употребуваат вакви системи, вклучително и за граѓаните на ЕУ, па многумина воведувањето на овој систем го толкуваат и како реципроцитет на Унијата кон САД и таксата од 14 долари која граѓаните на ЕУ ја плаќаат за влез во Америка.

Виолета Стоименова Наумоска