Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат разрешувањето на Зврлевски да биде тргнато од дневен ред до завршувањето на локалните избори

Продолжува расправата во Собранието за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Пратениците од СДСМ кои беа пријавени за збор не беа присутни во собраниската сала, а координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев најави дека пратениците од мнозинството нема да учествуваат во, како што ја нарече, бесмислената расправа за разрешување на Зврлевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, пак, остануваат на своите ставови дека предлогот за разрешување на Зврлевски е политички реваншизам на премиерот Зоран Заев. Според нив во моментов е поважно да се разговара за пожарите, мигрантите и Законот за јазици наместо, за како што велат, незаконското разрешување на Марко Зврлевски, кое е спротивно на членот 8а од Изборниот законик.

Предлогот за разрешување на јавниот обвинител Зврлевски го поднесе Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Собранието сеуште го чека мислењето од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, треба да се изјасни околу примената на членот 8-а од Изборниот законик во врска со расправата за разрешувањето на Зврлевски, односно дали законодавниот дом може да расправа по оваа точка во период кога се рапишани локалните избори.

Јана Јосифоска