Прв консултативен состанок на економско-социјален совет на СДСМ

Првиот консултативен состанок на економско-социјален совет на Зоран Заев, претседател на СДСМ, се одржа денеска во скопје. Советот, како што појасни тој, би требало да биде консултативното тело на ниво на влада за економијата и социјалата.

– Параметрите се алармантни и кажуваат дека ќе биде своевиден пекол справувањето со овие два значајни сегменти од секојдневниот живот и јас заедно со мојот кабинет сме убедени дека ни треба секоја можна памет во нашето општество за да може да се нафатиме и полека да ги вратиме работите во нормала, а потоа да ги ставиме на вистински пат како секоја нормална земја, но, и овие социјално економски апсекти да се движат како во секоја друга нормална земја, истакна Заев на состанокот.

Тој истакна дека негова лична и цел на неговиот економски тим во партијата е да ги редизајнираат економските структури во Македонија гледано од буџетски аспект, гледано од севкупната потрошувачка, бидејќи, како што рече, јавна тајна е дека Македонија понатаму не може вака да се одржи.

– Тоа нема да биде лесно особено кога сме во период на голема невработеност, период кога нашиот Буџет помеѓу една третина и една четвртина се финансира од приходи преку задолжувања. Кога огромен број на пари од државата отидоа во непродуктивни трошоци, а процентите на задолженост на нашата економија и на нашата држава се над оној психолошки плафон и сето тоа кога ќе го ставите на куп е прилично застрашувачки. Така што денеска сакаме да направиме едно конституирање на еден совет кој што ќе биде на помош пред се на Република Македонија, истакна претседателот на СДСМ.

Заев верува дека искуството кое, како што посочи, го носи со себе од бизнис секторот може многу да помогне за да ги разбере сите паметни сугестии кои ќе дојдат до него.

– Успеавме со нашето економско искуство општина Струмица да остане единствена општина во Македонија која нема ниту еден денар кредит, а сепак да имаме преку 68 проценти капитални инвестиции од севкупниот буџет на општината. Тоа само по себе кај мене негува една верба дека може да се рекомпинираат сите сегменти на буџетското управување во државата, а тоа секако да биде исклучиво во интерес на нашата економија, истакна тој.

Појасни дека телото е замислено да биде интелектуално и непартиско, иако, како што рече, дел од претседателите на комисиите се и членови на партијата, но генерално целиот негов состав барем во огромно мнозинство не се членови на СДСМ.

– Јас сакам секако доколку се согласиме сите да конституриаме денеска овој совет, да ми предложите слободно и некои други луѓе кои вие мислите дека ќе ни бидат од помош, заради тоа што мислам дека ќе имаме сериозна задача и обврска пред нас, а преку ваквиот економски совет мислам дека ќе зависи во каков правец навистина ќе тргнат сите економски текови во државата, истакна претседателот на СДСМ.

Вели дека е како политичар е свесен за периодот пред кој е исправена Македонија, бидејќи и доколку граѓаните дадат гласа за промена на, како што рече, режимот, дури потоа следува уште потешка работа.

– Знам дека после победата следува нов пекол, голем дел од вас тоа го имаат зборувано и јавно, самото тоа секако е застрашувачки, но ние немаме ниту друга земја, ниту друг народ, треба да се зафатиме овде и да навистина ги искористиме сите свои капацитети и да направиме нешто убаво за нашата Македонија, рече Заев.