Рамчиловиќ: Коалицијата За подобра Македонија се бори за сите граѓани на Македонија

Предвремените парламентарни избори се најпрактично решение за надминување на состојбите, а со оглед на фактот дека треба да имаме и локални избори, тоа е и најрационално решение во моментов, изјави денеска во Собранието на Македонија пратеникот Зеќир Рамчиловиќ.

Рамчиловиќ во обраќањето од собраниската говорница порача дека во и покрај моменталната состојба во државата и секојдневните случувања, важни се делата и сѐ она што се постигнува и што се прави за граѓаните.

„Јас и на вас колега Димков сакам да ви порачам, како дел од Комисијата, дека треба да ве води реалноста, а тоа е дека вашите залагања и залагањата на коалицијата За подобра Македонија се, покрај другите, и унапредување на правата на народите кои се под 20% од вкупното население. Тие залагања на коалицијата За подобра Македонија се видливи и препознатливи и во минатото и денес и така и ќе продолжиме, дури и на меѓународен план“, рече Рамчиловиќ.

Напомена и дека е завршен процесот за визна либерализација со Босна и Херцеговина, и дека утре во посета доаѓа делегација на највисоко ниво од БиХ, на чело со претседавачот на претседателството на Босна, господинот Ивањиќ.

„Исто така, во рамките на таа посета ќе се одржи и бизнис форум, на којшто ќе можат да се сретнат бизнисмените од двете држави и да се продлабочи соработката. Тоа е реалноста, тоа е она што им треба на граѓаните, не само на Бошњаците, туку на граѓаните на Република Македонија“, истакна Рамчиловиќ.