Реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и БиХ (ВИДЕО)

Македонија и Босна и Херцеговина, го потпишаа договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи, проект кој Македонија го има започнато со голем број на држави во светот. Со овој договор се признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи, управуваат со возило на територијата на двете земји. Воедно, граѓаните кои веќе се стекнале со државјанство во една од земјите, можат да ја заменат својата возачка дозвола, без потреба од полагање теоретски и практичен испит.
Овој договор, според министерот за внатрешни работи Спасовски, значително ќе ја подобри соработката помеѓу двете држави, имајќи го предвид фактот дека голем број граѓани живеат или транзитираат преку едната или другатра држава.

Министерот за транспорт и врски, Сугаревски и неговиот колега од Босна и Херцеговина, Јуско истакнаа дека се задоволни од соработката која постои помеѓу овие две земји, како и степенот на трговска размена, и информираа дека во најскоро време, повторно ќе се отвори и авионската линија Скопје – Сараево и обратно, која дополнително ќе придонесе во зближувањето на двете земји.

Македонија, досега има потпишано вакви билатерални договори со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Србија, а во тек е и процедурата за потпишување на ваков договор и со Косово, Турција, Обединетото Кралство и Германија.

Емил Десподов