САЕМ НА МАЖИ: И мажите можат да пеглаат, перат и чуваат деца (ВИДЕО)

За првпат кај нас под мотото „И мажите можат“ ќе се одржи Саем на мажи. Настанот ќе се случува на 16 септември со почеток во 12 часот, во Центарот за дизјан и иновации „Јавна соба“ во Скопје.

На јавниот настан предвидено е да се одржат три работилници за градење вештини во кои учество можат да земат мажи и момчиња. . За секоја работилница ќе бидат избрани петмина учесници. Настанот ќе биде од отворен карактер

Пријавувањето е преку пополнување на податоци, најдоцна до 14-ти септември на овој ЛИНК.

Работилницата „Мажите готват“ се однесува на стекнување на вештини во кујна. Работилницата настана по инспирација од приказната на Џорџ Атанасовски кој стана светски познат татко по подготовката на креативни, здрави оброци за своите ќерки. Во рамки на работилницата ќе бидат опфатени следните активности:

– Демонстрација и вежбање на техники за подготовка на храна (правилно ракување со прибор за работа, техники на сецкање и сл.)
– Информации околу правилна обработка на производи (купување на намирници, чување и обработка)
– Подготовка на појадок за на училиште (оброци за деца, едноставни и брзи за подготовка )
– Подготовка на оброк за целата фамилија (подготовка на салата (Шумска салата) главно јадење (пржен зеленчук и пилешко во кари сос) и десерт (карамелизирано овошје со сладолед)).

Работилницата „Мажите пеглаат“ се однесува на стекнување вештини за пеглање на облека. Иако постојат многу трикови и совети како побрзо да се испегла облеката, оваа работилница предвидува постепено надградување на знаењата и вештините, почнувајќи од основните потребни знаења: како се пере облека (сортирање по материјал, боја итн.), како се читаат ознаки на облека/што значат симболите, како се држи пегла и слично.

Во рамки на работилницата ќе бидат опфатени следните активности:
– Сортирање на облека за перење
– Техники на пеглање на кошула, маица, фармерки, панталони
– Техники на диплење

Работилницата „Креативни игри за деца“ се однесува на стекнување на вештини за анимација и развивање на креативност кај децата преку различни техники и игри. Во рамки на истата учесниците ќе имаат прилика да научат како да се забавуваат користејќи креативни алатки , интересни игри и лесно достапни материјали кои можат да ги најдат во домот.

Во рамки на работилницата ќе бидат опфатени следните активности:
– Примери за креативни игри и анимација на деца (цртање, боење со предмети од домот)
– Запознавање со театар на сенки
– Изработка на фигури како главни ликови во приказна со сенки
– Основи на игра со светло
– Драматизација на приказна со сенки

На работилницата можат да се пријават учесници со придружба на деца на возраст од 3 до 7 години, кои сакаат да се забавуваат и да ги подобрат своите вештини во анимација на деца.

Настанот е во организација на АРНО (Здружение за социјални иновации), поразговаравме со Ирина Јаневска – основач и претседател и Кристијан Ангелески.