Се градат три нови автопати, идната недела започнува реконструкција на три нови делници

На македонските автопатишта во моментов се реализираат градежни активности во вредност од 850 милиони евра при што се градат нови 132 километри автопат, а се реконструираат 40 километри автопат со целосно вадење на стариот асфалт и поставување на нов и нова сигнализација.

Ова денеска го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при увидот во градежните активности за реконструкција на автопатот Скопје-Куманово заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.

– Во моментов се градат три нови автопати во Македонија. Едниот од Демир Капија до Смоквица е речиси готов, во полн ек е изградбата на автопатот Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Сите заедно се во должина од 132 километри. Дополнително се врши реконструкција на три автопати Куманово-Скопје, Неготино-Демир Капија и од Смоквица до грчка граница. Се заедно во вредност од 850 милиони евра, изјави Груевски.

Најави дека наскоро ќе почне и реконструкција на дел од автопатот Скопје – Тетово, Велес – Градско.

– Целиот Коридор 10, односно автопатот „Александар Македонски“ или се гради каде што го нема или целосно и темелно се реконструира. За неколку недели ќе заврши изградбата на 29 километри од Демир Капија до Смоквица. Пред неколку години го изградивме делот од Куманово кон Табановце во должина од осум километри, паралелно се реконструираат сите делници со целосно вадење на стариот асфалт и ставање на нов и поставување нова сигнализација на деловите од Неготино до Демир Капија, Гевгелија-Смоквица, а наскоро ќе почне помеѓу Градско и Велес, рече Груевски.

Министерот Мисајловски информираше дека 98 отсто од делницата од автопатот од Куманово кон Скопје во должина од 23 километри е целосно реконструирана и останува само да се постави вертикалната и хоризонталната сигнализација.

– Реконструкцијата на автопатот од Куманово кон Скопје е реализирана со проект преку ИПА компонентата. За делницата од Скопје кон Куманово реконструкцијата почна деновиве, а изведувачот има рок од десет месеци за да ја заврши. Очекувам дека ќе завршат до крајот на годинава, рече Мисајловски и нагласи дека реконструкцијата на автопатот во двата правца ќе чини 10 милони евра.

Реконструкцијата на автопатот, посочи, се прави по европски стандарди со целосно вадење на стариот асфалт и поставување на нов.

– Цел ни беше целосно да го реконструираме Коридорот 10 односно автопатот „Александар Македонски“. Реконструиран е автопатот од Скопје до Велес во двата правци, се прави реконструкција на патот од Скопје до Куманово и од Неготино до Демир Капија, а наскоро треба да започне и реконструкцијата на делот од Велес до Градско и од Гевгелија до граница. На сите делници се става и целосна нова сигнализација, информира Мисајловски.

За реализација на работите, како што кажа, се обезбедени средства делод Буџетот, а дел преку ИПА компонентата, додека за делот од Неготино до Демир Капија од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Директорот Стојанов информира дека на делот од Гевгелија до Смоквица веќе е завршено асфалтирањето и се поставува сигнализацијата. За следната недела, како што рече, се очекува да почне реконструкцијата на делот од Велес до Градско и само се чекаат дозволите од МВР за добивање времен режим за сообраќај.

– Очекуваме до крајот на годинава да бидат обновени 90 отсто од автопатот Александар Македонски, а само на делот од Неготино до Демир Капија да продолжат работите во текот на наредната година, бидејќи станува збор за потешка рехабилитација. Веќе се распишани тендерите и потпишани договорите за обнова на делот од автопатот од Сарај до Групчин, како и од Петровец до Миладиновци и од Петровец кон Кадино, рече Стојанов.

При крај е, како што кажа, и изградбата на автоматизираната наплатна рампа кај Куманово, а е аплицирано и за добивање одобрение за градба за четири нови автоматизирани рампи на автопатот. Се разгледува можноста на овие наплатни рампи да можат да се користат сите видови начини на плаќање и да има и автоматски рампи на кои нема да има потреба да се застанува.