Се одбележува Денот на ослободувањето на Скопје

По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје денеска беа положени цвеќиња пред спомениците на ослободителите на Град Скопје.

Делегации од Владата на Република Македонија, Кабинетот на македонскиот претседател, од Собранието на Република Македонија, Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и од Град Скопје, како и претставници од политички партии, здруженија и борци положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје пред платото на Владата, пред Споменикот на партизанските гробишта „Бутел“ и споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски истакна дека се одбележуваат 72 години од ослободувањето на главниот град и оти денес Скопје пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот постојан развој.

– Да се биде денес пред паметникот на Ослободителите, значи да се даде почит на сите кои ги дале животите за самостојна Република Македонија, да се даде благодарност кон сите што својата младост ја положиле во ослободувањето од фашистичката окупација, на сите што во изминатите седум децении ги реализирале сопствените хумани идеи, но и на сите ослободители кои не го дочекале остварувањето на вековните идеали, рече Трајановски.

Во името на борците се обрати Никола Стојановски, учесник во НОБ и борбите за ослободување на Скопје.

– Ослободувањето на Скопје и на Македонија е дело на македонската војска и македонскиот народ. Слободата и државата никој не ни ја подари, сами ја извојувавме и создадовме. Затоа, единствени и сплотени да ја браниме и сочуваме. И денес на сите загинати и починати борци им оддаваме почит и вечна им слава, рече Стојановски.

Вечер во Македонската опера и балет ќе бидат доделени наградите „13 Ноември“ и ќе бидат изложени дела од 11. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2016“. Ќе настапи хорот „Св. Злата Мегленска“, а потоа ќе биде изведена оперетата „Глорија“.

По повод празникот утринава градоначалникот Трајановски се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Денот на ослободувањето на Скопје се одбележува и со повеќе спортски манифестации. За денеска се предвидени традиционалното искачување на врвот Љуботен, меѓународен ватерполо турнир и ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“. Овој месец се одржаа и традиционалниот шаховски турнир на пензионерите од Скопје и Меѓународниот шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, турнир во мал фудбал, одбојка и шах на јавните претпријатија во Град Скопје, меѓународен кугларски турнир „Скопје Опен 2016“, карате турнир „13 Ноември“, како и меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“.

Во петокот се одржа и традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје.

На 13 ноември пред 72 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.