Шекеринска: Македонија ќе ги испорача неопходните реформи за НАТО

Република Македонија со засилено темпо и реформи работи на исполнување на критериумите и стандардите за членство во НАТО, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Брисел каде на покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“.

– Успешно спроведените избори покажаа дека Република Македонија може да испорача резултати. Свесни сме дека полноправното членство во НАТО треба да го заслужиме. Во тој контекст, ве уверувам дека Република Македонија ќе покаже напредок во сите области во кои Алијансата детектираше проблеми во минатото. Нашата цел е Република Македонија да стане 30-та земја-членка на НАТО, рече министерката.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на состанокот, министрите за одбрана ја разгледаа безбедносната состојба во Авганистан и дискутираа за понатамошниот развој на операцијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“.

Министерката Шекеринска ја истакнала посветеноста на Република Македонија во поддршка на напорите на НАТО за унапредување на демократските капацитети на Авганистан и најави понатамошен зголемен придонес на Република Македонија во операциите на НАТО.

– Во духот на нашата посветеност кон вредностите што ги делиме со НАТО Владата на Република Македонија донесе одлука за зголемување на нашиот придонес во Авганистан во 2018 година за 20 проценти, рекла Шекеринска.