Штип одбележува 100 години од раѓањето на Киро Глигоров

Општина Штип денеска со свечена седница одбележа 100 години од раѓањето на првиот Претседател на Република Македонија Киро Глигоров. Градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев истакна дека најголемиот успех на Глигоров е што како Претседател на Македонија не дозволи да се испука ниту еден куршум, туку на мирољубив начин нашата држава се оддели од поранешната Југославија.

– Неговиот животен пат, а можеме да кажеме и политичка кариера започнува на првото заседание на АСНОМ во „Прохор Пчински“, каде што со уште двајца штипјани Емануел Чучков и Михаило Апостолски се наоѓале во работното претседателство, тогаш како записничар, за да во повоена Југославија направи одлична политичка кариера и даде голем допринос за развој на Република Македонија. Мислам дека најголемиот успон на Киро Глигоров е кога стана Претседател на Сојузното Собрание на Југославија. Во негово време е донесен познатиот Устав од 1974 година, донесен е тогашниот Закон за Здружен труд, Закон за работничко самоуправување. Значи големи проекти кои на работниците им дадоа големи права, вели Захариев.

Тој истакна дека Глигоров придонесе и нашата држава да биде призната од меѓународната заедница, а неговите непријатели му организираа и атентат, кој се уште не е расчистен, односно не се откриени сторителите.

– Неговата смиреност допринесе Македонија навистина одлично да го изоди периодот на транзиција. Сигурно е дека Штип ќе се гордее со таквите личности, затоа што тие оставија белег подалеку од Штип на ниво на Република и на ниво на поранешна Југославија и мислам дека одбележувањето на денот на раѓањето на Киро Глигоров е важен. Но, уште побитно е ние како град каде е роден Киро Глигоров да направиме максимални напори да ставиме некое спомен обележје на Киро Глигоров. Затоа што мсилам дека тој тоа го заслужува, рече Захариев.

Штипскиот градоначалник истакна дека првиот Претседател на Република Македонија, Глигоров беше скромна и мудра личност.

– Мислам дека такви лидери и политичари ни требаат на нас. Мислам дека во овие времиња сега што ги имаме една таква мудра политичка личност сигурно би била од корист. Затоа што знаете белите коси знаат да размислуваат, а животното искуство е многу битно за да се донесат разумни и паметни одлуки. Мислам дека Киро Глигоров носеше многу паметни одлуки за Република Македонија, вели Захариев.

На денешното одбележување на 100 години  од раѓањето на Киро Глигоров присуствуваа пратениците во Собранието на Република Македонија од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, претставници од Општинската организација на Сојузот на борци, државни институции и на политичките партии. Низ краток филм беше презентиран и животниот пат на Глигоров.