Што ново ќе донесе Самуел Жбогар?

Првиот словенечки амбасадор во Кина и поранешен амбасадор на земјата во Соединетите американски држави, Самуел Жбогар од 1 септември ја презема функцијата шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија од актуелниот евроамбасадор во земјава Аиво Орав. Жбогар е поранешен министер за надворешни работи на Словенија и актуелен шеф на ЕУ-делегацијата и Специјален претставник на Европската унија на Косово. Но, во Скопје, искусниот дипломат нема да ја има двојната функција, туку ќе биде само амбасадор на Унијата во земјава.

Дваесет и две години дипломат, меѓу другото и заменик-амбасадор на Словенија во Обединетите нации (ОН) во Њујорк и заменик на Постојаниот претставник на Словенија во Советот за безбедност на ОН кога Словенија беше привремена членка во 1998 и 1999 година.

Самуел Жбогар

Главен преговарач за членство на Словенија во НАТО и дел од групата за преговори за члентсво во ЕУ. Шеф на словенечката дипломатија во централно-левичарската влада на неговиот школски другар во Нова Горица, Борут Пахор и прв словенечки високо рангиран функционер во Европската служба за надворешни работи со именувањето на неговата сè уште актуелна функција на Косово од страна на поранешната Висока претставничка на ЕУ зa надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон. Тоа е богатиот дипломатски профил на Самуел Жбогар, кој од септември ќе ја преземе палката во ЕУ-делегацијата во Скопје.

Доаѓањето на Жбогар не било директива од Брисел, туку најверојатно желба на амбициозниот Словенец, со оглед на тоа што и немал сериозна конкуренција. Но, директивите без сомнение и понатаму ќе доаѓаат од Брисел во координација со Вашингтон, особено во ова време на политичка криза во Македонија.

Во овие услови нема многу простор за личен белег. Консултациите со претпоставените во Брисел ќе му го обележат патот и на Жбогар, но тој ќе биде извршителот. А Македонија, и воопшто Балканот е вистинското место каде има работа за амбициозните дипломати, кои сакаат да активно да бидат вклучени во случувањата во земјата каде што амбасадоруваат, да не бидат во сенка, туку „да им се плашат од сенката”.

Европска комисија, ЕУ знаме

Мешањето на амбасадорите во внатрешните работи на земјава, особено на оние од ЕУ и САД изминатите години создаде синдром на зависност кај нас, што во периодот на политичка криза е особено изразено. Овие амбасадори станаа супститут на институциите и демократските механизми, што колку беше неопходно, исто толку е и деградирачко.

Жбогар во случајов е само службеник во дипломатската служба на ЕУ и малку е веројатно дека ќе остави сопствен белег во целата работа. Сепак, останува да видиме како тој ќе се однесува. На новиот евроамбасадор нема да му биде потребно долго време да се снајде во земјава и да се прилагоди, со оглед на тоа што потекнува од регионот, од Словенија, а во Скопје доаѓа од најблиското соседство, по пет години поминати на Косово.

И не само тој. Европската унија претежно практикува своите претставници да ги распоредува во еден регион. Тоа е воспоставена дипломатска практика во светот, со што дипломатските претставници стануваат експерти за тој регион, запознавајќи се со регионалните карактеристики, од политичките навики и менталитетот, до храната.

Бугарката Наталија Апостолова, ќе го заземе местото на Жбогар како амбасадор на ЕУ во Приштина, додека поранешната амбасадорка на Грција во Македонија, Александра Пападополу е именувана за шеф на Мисијата за владеење на правото на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).

Интересно што и актуелниот евроамбасадор Аиво Орав и американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, во Македонија допатуваа од нивните амбасадорски позиции во Анкара, Орав како естонски, а Бејли како американски амбасадор во Турција. Естонецот повторно останува на Балканот,  заминува за амбасадор на ЕУ во Подгорица, Црна Гора.

аиво орав

Аиво Орав активно учествуваше од почетокот и сè уште учествува во разговорите за надминување на политичката криза и во потпишувањето на договорот од Пржино. Но, Орав ќе остане запаметен по изјавата кога Македонците ги нарече „Славомакедонци“, што предизвика револт во јавноста.

Претходникот на Аиво Орав, данскиот дипломат Питер Соренсен седеше на амбасадорската фотелја само три месеци и од потоа доби прекоманда во Босна и Херцеговина со образложение дека таму е попотребен. За време на краткиот престој во Скопје, не се експонираше многу во медиумите, сосема спротивно од Ерван Фуере, кој за време на петте години поминати во Македонија беше постојано присутен во јавноста и делеше критики, како што велеше тој, само со добра намера.

Иако не беше многу омилен поради прекумерното мешање во работите на државата, сепак, не е за занемарување фактот дека за време на неговото амбасадорување, Македонија доби кандидатски статус во ЕУ, визна либерализација и две позитивни препораки од Европската комисија.

Што добивме со Орав, што да очекуваме од Жбогар?

Виолета Стоименова