Скопското обвинителство поведе постапка против двајца малолетници

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против две 14-годишни децакои на 6 ноември во еден часот по полноќ, на ул. Битпазарска, во близина на кафе барот „Стоп“ по настаната вербална расправија тешко телесно го повредиле оштетениот 18-годишен К.С.

Како што соопшти денеска Обвинителството, децата со умисла го нападнале оштетениот, го удирале со тупаници во пределот на главата и градниот кош, од кои удари оштетеното лице паднало на земја, здобивајќи тешка телесна повреда изразена во вид на контузии на главата со повреди на мозокот, крвавење и со наполнети бели дробови со течност. Од настанатите повреди животот му е доведен во опасност.

Надлежен јавен обвинител од скопското Обвинителство поднел Барање за поведување на подготвителна постапка против децата во судир со законот од 14 до 16 години до Судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 Скопје поради постоење на основано сомнение дека сториле дејствие што со закон е предвидено како кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Извршено е испитување на сторителите од страна на судија за деца, издадени се Наредби за вештачење на траги пронајдени и фиксирани на местото на настанот и одземени се предмети кои можат да придонесат во натамошната постапка, се наведува во соопштението.

Јавниот обвинител поради сериозноста на стореното кривично дело, доставил до судот Предлог за определување мерка притвор за децата во судир со законот. Судот, решавајќи по предлогот, не го прифатил, но изрекол мерки на претпазливост и тоа, одземање на патните исправи на двете деца и обврска да не го напуштат местото на живеење.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, како што се додава во соопштението, интензивно ќе продолжи со преземање на дејствија во насока на расветлување на настанот.