Стоилковиќ: Во платформска Македонија нема да има место за помалите етнички заедници

Ако Рамковниот договор значеше увод во стабилизација на политичките прилики на Република Македонија, воспоставување на мир, градење на соживот и дијалог, Тиранската платформа е нешто сосема спротивно, изјави во Поенти на ТВ Нова Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија.

„Таа наметнува немир во полоитичкиот живот во Република Македонија, разградба на Република Македонија, гасење на помалите етнички заедници… Во денешна Република Македонија којашто постои согласно Уставот и законите на РМ има место за сите. Во таа нова, платформска Македонија, нема место прво за помалите етнички заедници, и во тој случај таа не само што е неприфатлива, туку не треба ни да се разговара за неа“, вели Стоилковиќ.

Додава дека кога нема место за малцинствата, во наредниот период сѐ помалку место ќе има и за припадниците на македонскиот народ.

„Станува збор за систем на решенија кои нудат промени кои ќе бидат во интерес само на една заедница во Република Македонија, а ќе бидат на штета и контра сите заедници во Република Македонија, вклучувајќи го и македонскиот народ како носител на суверенитетот на македонската држава“, рече Стоилковиќ.