Тодоров: Клиничката болница во Битола одлично се развива, реконструкцијата во завршна фаза

Клиничката болница во Битола одлично се развива, а реконструкцијата е во завршна фаза и таа опфаќа обнова на фасадата и промена на сите прозорци. Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров по посетата на таа јавна здравствена установа.

Посочи дека станува збор за инвестиција вредна 7 милиони денари, со што ќе се овозможи сериозна енергетска ефикасност и заштеда на средства.

– Пресметките покажуваат дека заштедата на средства ќе се движи од 7 до 9 милиони денари на годишно ниво, средства кои болницата ќе може да ги користи за сопствен развој. Тоа со други зборови значи дека болницата ќе може со свои средства да набави нов мамограф или за две години да набави нова компјутерска томографија или пак да ги инвестира во други потреби, опрема или инфраструктура, нагласи Тодоров.

Тој потврди дека во битолската Клиничка болница се постигнати одлични резултати во делот на офтамологијата, интервентната кардиологија, а воедно ја најави втората и третата фаза од реконструкцијата на таа јавна здравствена установа.

Истакна дека во изминатиот период одлично функционира офтамологијата и откако во 2012 година се вовеле операции на катаракта имало околу 300 операции, а во првите 6 месеци од годинава имало околу 1.200 интервенции, што значи, според него, одлично функционира овој сегмент кој е важен за Битола и за регионот.

– Исто така добро функционира интервентната кардиологија. Со ширење на мрежата, Битола за прв пат доби интервентна кардиологија и ако во почетокот имаше по 15 месечни интервенции сега тие се движат меѓу 50-60 интервенции, што покажува дека и овој дел од работата на Клиничката болница добро функционира, рече Тодоров.

Потсети дека од средината на 2012 година до денес се реализирани 250 нови вработувања кои пополниле испразнети места, а од нив 46 се доктори, 23 доктори се пратени на специјализација од нив 5 во странство. Исто така, рече Тодоров, имаме 10 кофинансирани специјализации со што бројот на специјализанти во болницата ќе се зголеми.

Во втората и третата фаза од реконструкцијата на Клиничка болница ќе се изврши комплетна, темелна реконструкција на целата внатрешност на болницата со цел условите за работа да бидат на ниво на условите што ги има во Клиничкиот центар во Скопје.

– Во втората и третата фаза ќе се изврши комлетно реновирање на стационарниот дел и амбулантите, на операционите сали, интензивната нега и инфективното одделение, со што ќе се подигне стандардот на болницата. Целата инвестиција во втората и третата фаза ќе биде над 10 милиони евра. Инаку досега се набавени апарати во вредност од над 6 милиони ерва, а согласно програмата планираме набавка на други апарати во вредност од над 1 милион евра. Предвидовме и комплетна реконструкција на одделот за физикална терапија по примерот на целосно реконструираното одделение во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, рече Тодоров.

На новинарско прашање во врска со протестот на лекарите во ГОБ „8 Септември“ – Скопје, Тодоров истакна дека непријатно е чувството кај секој човек што секојдевно се труди да спасува човечки животи да биде сведок на вандалско и насилничко однесување.

– Тоа насилничко однесување никако не можам да го оправдам. Го разбирам нивниот револт. Ќе потсетам ние направивме измени во Законот со кои нападот врз доктор претставува напад на службено лице и тоа е казниво како тешко кривично дело. Во оваа ситуација немало напад на здравствен работник, но имало насилничко однесување врз здравствената инфраструктура. Нема оправдување за овој случај, додаде Тодоров по посетата на Клиничката болница во Битола.