Турција бара од Македонија да расчисти со ѓуленистите

Tурција ја повика земјава конечно да расчисти со ѓуленистите, да се затворат вкупно 9 училишта, медиуми и фирми поврзани со организацијата ФЕТО. „Еден од основните критериуми на Турција за односите со други земји, ќе биде и односот на тие земји во борбата со оваа терористичка организација“, рече амбасадорката Тулин Еркал Кара на одбележувањето на годишнината од државниот удар во Турција и потсети дека македонските власти претходно донеле одлука за окончување на активностите на ФЕТО, но оти во таа насока сѐ уште не е направен соодветен чекор.

„Дојдете заедно тука да ја завршиме оваа работа, во Македонија имаат 9 училишта, и тие ги именуваа по еден многу ценет поет. Ние го осудуваме тоа. Избришете го нашиот поет од вашите училишта, избришете ги проклетите училишта. Нема да дозволиме да се образуваат милитанти од вашите гнезда, нема да дозволиме, до крај ќе се спротивставиме“, изјави амбасадорката Кара.

Пораката на Турција пренесена преку амбасадорка ја слушнаа и претставниците на македонската влада кои беа гости на одбележувањето од годишнината на пучот. Во ставот што ТВ НОВА го побара од Владата стои дека:

Од аспект на принципот владеење на право, од особено значење е во земјата сите да ги почитуваат законските регулативи. Владата секојдневно прима различни видови официјални пораки и барања кои пристигнуваат на наша адреса од голем број држави со кои имаме изградено билатерални и пријателски односи. Потенцираме дека решенијата ќе бидат исклучиво во рамките на законски прописи на државата.

По минатогодишниот неуспешен пуч, преку новинската агенција Анадолија, Турција испорача список со организации под капата на ФЕТО, средните и основни училишта Јахја Кемал, неделникот Заман, организацијата Седеф, туристичка агенција, компании, маркети, Фето според Анадолија делувала и преку бизнис здруженија и невладини.

Пандорче Антеска