Утре отворање на понудите на тендерот за нов Клинички центар

klinichki-centar

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска информираше дека тендерот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје е објавен и дека утре ќе се одржи јавното отворање на понудите од истиот.

До сега како што истакна над 20 реномирани странски и домашни компании искажале интерес и подигнале документација.

-Рокот за доставување понуди е до утре во 12 часот, а отворањето е утре во 14 часот, по што ќе следи периодот на евалуација, рече Тодоров.

Инвестицијата само за изградба на Клиничкиот центар во Скопје чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вредност од 128 милиони евра.

Кога беше најавена изградбата на Клиничкиот центар министерот Тодоров истакна дека по спроведување на законските процедури, градежните работи ќе стартуваат на почетокот на 2017 година, кои е предвидено да завршат до крајот на 2021 година, односно рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци. Притоа, истакна, нема да се дозволи во ниеден момент да се загрози работата на клиниките во кампусот.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно.

Со проектот достигнати највисоките нивоа на квалитет на употребени материјали, висока функционалност, безбедност, како и удобност на пациентите и персоналот. Задоволени се и највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, особено со употребата на вентилирачка фасада и најсовремени системи за климатизација и вентилација.

Потенцира дека проектот предвидува изградба на нов Клинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на Хируршките клиники. Објектите на кардиологија, Детска клиника, онкологија, Клиника за инфективни болести, Клиника за гинекологија и Клиника за стоматологија, појасни, ќе продолжат да функционираат во своите постојни објекти интегрирани во локацијата на реорганизираниот Клинички центар, со тоа што Клиниките за гинекологија, хирургија и онкологија ќе бидат и физички поврзани со топли врски со новиот Клинички блок и со зградата на лаборатории.

– Во новиот Клинички блок се сместени: Нуклеарна медицина со радиофармацевтската лабораторија, нуклеарна медицинска IN-VIVO дијагностика, фармација со сите потребни одделенија, клиниките за: офталмологија, оториноларингологија заедно со аудиологија и со сите потребни помошни и заеднички простории, радиодијагностика.

Интензивната нега со предвидените 18 легла на едниот кат и 25 на другиот, односно вкупно 43, како посебни боксови за пациенти со централен мониторинг, стандард кој е повеќекратно зголемување на сегашната интензивна нега, која е океански систем.

Во новиот објект влегуваат и клиниките за неврохирургија, трауматологија, дерматологија, психијатрија, неврологија, сите сместени до четвртото ниво и додаде дека на четвртото ниво се предвидени непроодни тераси, кровни градини на три локации.

Од петтиот кат нагоре содржани се клиниките за: ревматологија, токсикологија, ортопедија, неврологија, пулмологија, нефрологија, оториноларингологија, офталмологија.

На горниот дел од објектот е предвидена хеликоптерска платформа – посебна конструкција со кружна писта за слетување и полетување – Хелиодром. Тоа значи дека пациентите директно ќе се внесуваат во лифт до соодветната клиника, а нема како досега да се транспортираат од хеликоптер до клиниката по колички по отворени улици меѓу згради. Новиот Клинички блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници.

Операциските сали на првиот кат во новиот Клинички блок се четири и поврзани со комплетно реконструираните 12 операциони сали на објектот на хирургија оформуваат Оперативен блок од 16 операциони сали, кај кои карактеристичен е најсовремениот начин на градба кој содржи монтажни системи на ѕидови и плафони изработени и монтирани од специјализирани компании.

Во Операциониот блок во постојните хируршки клиники e предвидена целосна реконструкција на сите 12 операциони сали.

Ќе се изврши и комплетно опремување на зградите со медицинска и немедицинска опрема и мебел. Инвестицијата за набавка на нова медицинска опрема е проценета на 13 милиони евра. Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем.