Арачиново и натаму без вода, граѓаните се снаоѓаат како што можат

Наместо современ водовод и модерен живот кој им го ветуваше на Арачиновци, новиот премиер Зоран Заев во предизборието, жителите сеуште немаат вода за пиење во своите домови. Локалното население на скопското село Арачиново среде лето на 40 степени се без вода за пиење. Во едно од најголемите села во овој регион  вода нема речиси со месеци. Мештаните се снаоѓаат кој како знае и умее. Се полнат буриња и шишиња, се прават залихи. Дури и децата наместо да играат надвор помагаат и полнат вода на локалните чешми за да обезбедат за своите семејства.

Ограничени и од своите финансиски средства дел од граѓаните дури и ги продаваат сопствените превозни средства за да можат да ангажираат работници за да ископаат бунари во своите дворови. Но таа вода не е за конзумирање како што информираа повеќето мештани со кои разговаравме, па треба да патуваат подалеку дури во другите села за да наполнат здрава вода за пиење како што велат.

Без вода нема живот, а секој се снаоѓа како може за да преживее и да обезбеди чаша вода, но и за секојдневните регуларни обврски. Граѓаните со апел до надлежните што побргу да им обезбедат вода и да им го исполнат ветенето. Ситуацијата особено е алармантна бидејки не само што без вода се околните куќи, туку и амбулантата  сега се снабдува со вода од домашен бунар. Во амбулантата некогаш има, некогаш само по малку, а некогаш воопшто нема вода.

Елена Равановска