Владата подготвува Закон за амнестија на затвореници

Владата ќе амнестира затвореници, бидејќи бројката на лица што издржуваат казна во Идризово е двапати поголема од стандардите на затворот.

Премиерот Зоран Заев, денеска го посети казнено поправниот дом Идризово, од каде порача дека едно од решенијата за субстандардните услови во затворот, е законот за амнестија, тема која, како што рече, е веќе отворена, а Народниот правобранител и Министерството за правда веќе имаат свои мислења.

Како една од опциите за растоварување на преполниот „Идризово“, Заев ја наведе амнестијата на дел од осудениците, преку укинување на 30 отсто од вкупната казна или преку други методи за кривичните дела за кои постои таква можност, но, не и за тешките облици на криминал, како педофилија или злосторства против човештвото. Тој потенцираше и дека некои делови од затворот ќе мора да се урнат бидејќи не е возможно да се реновираат.

Заев во Идризово беше придружуван од Народниот правобранител Иџет Мемети и директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, за кои најголеми проблеми, покрај лошите услови се и менаџирањето на затворот, повратниците кои се создаваат од затворениците, како и проблемот со корупцијата во затворите.

Премирот Заев изрази увереност дека Владата и Парламентот се подготвени за брзо решавање на лошите и нехумани услови во затворите.

Емил Десподов