ВМРО-ДПМНЕ: Струмичани плаќаат најскап гас

Струмичани плаќаат двојно поскапо за гасификација, отколку Скопјани. Ова е резултат на криминалното владеење на Зоран Заев во Општина Струмица, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Дарко Костовски, денес, на прес конференција го обвини првиот опозиционер Заев дека преку фирма на свој сопартиец, врти милиони евра од општинската каса во Струмица.

Митко Андреевски, инаку Претседател на комисијата за енергетика од СДСМ, преку фирмата Си-Ен-Џи, регистрирана на име на неговата сопруга, во семејна куќа во Драчево, набавува и им продава гас на струмичани за цена, два и пол пати повисока од онаа што ја купува. Во периодот од 2011 година, до денес, оваа фирма од општинската каса во Струмица има инкасирано над 2.5 милиони евра преку три тендери за набавка на гас.

Ова е куќата на улицата Атанас Раздолов, во скопската населба Драчево, во која според Централниот регистар е регистрирана контроверзната компанија Си-Ен-Џи Системс. Документите покажуваат дека фирмата нема никаков капитал на свое име, ниту пак поседува канцеларија или опрема. Основач на компанијата е сопругата на Андреевски, Билјана Станголева, а куќата се води на име на нејзините родители.

Оваа фирма, која има само еден вработен, за 2 години има чист профит од 650.000 евра, кои се пари добиени само од една компанија, односно јавното претпријатие, Струмица Гас.

Директорот на Струмица Гас, Зоран Китанов, потврдува дека цената на гасот кој го набавуваат е над 24 мкд. Последните податоци од ЕЛЕМ покажуваат дека оваа државна компанија која набавува гас за греење на скопјани, за истата количина од метар кубен плаќа 13 денари, што покажува дека фирмата на функционерот на СДСМ прави чист профит од 11 денари по метар кубен.

Името на Митко Андреевски се поврзува и со скандалот, во кој, како вработен во Министерството за одбрана, месечно на службениот телефон, трошел по 2.500 евра, за да гласа во емисијата „Чуму“, во полза на територијалната поделба во дебатите во емисијата. Против Андреевски се водеше и судски процес и беше санкциониран со парична казна поради огромните телефонски сметки.

Емил Десподов