Зафировски: Уставниот суд требаше досега да се произнесе за уставноста на спорниот член од Законот за следење на комуникации

Уставниот суд требаше досега да се произнесе за уставноста на спорниот член од Законот за следење на комуникации, за да имаме јасна претстава, што треба да се сработи во претстојниот период, вели за Тв Нова Воислав Зафировски.

Тој смета дека реформите во безбедносниот систем мораат да се случуваат и да течат континуирано и паралелно со промените во економскиот, општествениот и политичкиот живот во земјата, во спротивно, би претставувал кочница за развојот на демократијата и правата на граѓаните во Република Македонија.

Зафировски е дециден дека можноста за злоупотреба на системот за следење на комуникациите е секогаш присутна, но мора да постојат механизми кои ќе вршат контрола и надзор врз самиот систем. За него е потребно, овие механизми да бидат позиционирани во Јавното Обвинителство или законодавниот дом, за да се намали ризикот од злоупотреба на прислушкувањето.

За Зафировски, најголем проблем останува дуплирањето на надлежностите меѓу Управата за Безбедност и Контраразузнавање и полицијата, но и самите полициски овластувања кои ги имаат припадниците на УБК.
Во меѓувреме од Владата на Република Македонија велат дека во финална фаза се реформите на УБК и Законот за следење на комуникациите, за што најавуваат и поопсежна јавна дебата со сите засегнати страни.

Мислењето од последната владина седница до Уставниот суд за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, како што наведе владиниот портпарол Бошњаковски, е во насока да не се прави двојна работа, односно да нема парцијални решенија, сѐ додека не го имаме системското решение.

По донесената одлука Владата да даде мислење до Уставниот суд, како и до конечниот старт на реформите во безбедносниот систем, од владата тврдат дека граѓаните не треба да се грижат за можни злоупотреби во овој период.

Емил Зафировски