Законот за јазици влезе во собраниска процедура (ВИДЕО)

За сите спорни елементи оценка ќе треба да даде и Венецијанската комисија пред тие да се најдат во Законот, но откако Собранието ќе го усвои. Токму овој Закон предизвикува бурни реакции во јавноста. Новата Влада тврди дека предлог-законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и законите, но ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со овој закон државата се федерализира и се дели на два етникума.

Илија Димовски и Антонио Милошовски денеска повторно го потврдија ставот на ВМРО–ДПМНЕ според нив законот за употреба на јазиците е против Уставот и законите на државата.

По објавувањето на официјалниот текст на предлог-законот за употреба на јазиците дел од екпертската јавност веќе во одредени делови забележува одредби кои според нив се во спротивност со Уставот. Последна во низата е професорката по Уставно право и политички систем Гордана Силјановска – Давкова. Според неа Законот за јазици излегува од Уставните рамки но е надвор и од Рамковниот договор.

По усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија истиот ќе биде доставен на мислење до Веницијанската комисија заедно со спорните одредби кои се однесуваат за двојазичните банкноти, униформата на армијата и хартиите од вредност.

Андреа Сибиновска