Нимиц на крајот на месецот на средба со преговарачите

Македонија е подготвена за затворање на наметнатиот проблем од Грција. Според премиерот Зоран Заев преговорите на преговарачите со медијаторот Метју Нимиц ќе почнат следната недела. По низата непрецизни најави за таква средба, сега Заев, говорејќи во Љубљана, Словенија, за евроатланските интеграции, прецизираше датум 20 или 21 ноември.

ТОН ЗАЕВ -Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц.

Колку за потсетување, ваквиот развој на настаните беше очекуван не само заради декларативните заложби од Скопје и од Атина, кои се интензивираа особено по брзопотезното прифаќање на бугарскиот модел на договор за добрососедство, туку и секако, заради директните исполнувања на грчките предуслови за влегување во преговори, конкретни мерки кон преименување на се’ што го ниси името Александар Македонски (Велики) и искоренување на спомениците на Александар и Филип Втори Македонски.

По неколкуте средби во Скопје и во Атина, шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас вчера се сретнаа на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во Брисел.

Но, по најавата датата за продолжување, или овој пат започнување на конкретни преговори под посредништво на Нимиц, како што дефинираше Заев „обид кој што ќе биде последен, со конечна цел“ тој нагласи и дека во Македонија се работи на градење на национален консензус.

ТОН ЗАЕВ – Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување.

За разлика од ваквата оценка, минатата недела Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ беше прецизен дека немаат никакви информации, никој не комуницирал со нив. Партискиот став е непроменет.

Наум Стоилковски