Октомвриската пензија намалена – Македонските пензионери збунети

Октомвриската пензија ги збуни пензионерите. Повеќе од 300.000 кои очекуваа реално зголемување на пензиите, како што им беше ветено,  месец октомври добија помали за 150 до 250 денари во однос на септемвриските. На голем дел од пензионерите даденото покачување е скратено, дел имаат покачување, но, намалена е во споредба со минатиот месец, а кај други, пак, состојбата на пензијата е идентична. Тие се чувствуваат изманипулирани од ветувањата на владата за зголемување на пензиите.

Од Министерството за труд и социјална политика, објаснуваат дека станувало збор за усогласувања на пензиите.

Со исплата на пензијата за септември ( којашто се исплати во октомври) се исплати и разлика од усогласувањето на пензиите за јули, август и септември поради што корисниците добија повисок износ на пензија. Всушност, кон исплатата на септемвриската пензија се изврши и исплата на разликата од остварената пензија во јули, август и септември и усогласениот износ на пензија и затоа беше повисок износот на исплатените пезнии.

Во исплатата, пак, на пензиите која се изврши на 6-ти овој месец е исто така вградено усогласувањето на пензиите, но е само за еден месец-октомври.

Од владата најавија дека пензите ќе се покачуваат согласно покачувањето на животните трошоци, односно, пензионерите секој месец ќе добиваат по дополнителни 180 денари, или вкупно 2160 за цела 2017 година.  Но сепак најавено покачување за октомври не го добија сите пензионери.

Во изминатите десет години, најниската пензија се зголеми за 105 проценти и истата од 4.330 денари во 2006 година, скокна на 8.895 денари во декември 2016,  додека просечната пензија која во 2006 година  изнесуваше 7.684 денари, на крајот од 2016тата се искачи до 13.754 денари, што е зголемување за 79 отсто.

Елена Равановска