Хуманитарна помош за 20 социјално ранливи семејства од Штип

Волонтери на општинската организација на Црвен крст заедно со вработени од Центарот за социјални работи и кризниот штаб при општина Штип денеска доделија хуманитарна помош на 20 семејства во Штип.

Секретарот на ОО Црвен крст од Штип Никола Камчев вели дека станува збор за стари и изнемоштени лица и социјално ранливи семејства на кои поради овие ниски температури им е потребно храна, топла облека и ќебиња.

– Помошта се состои во храна, хигиенски пакети, ќебиња и душеци. Во текот на утрешниот ден ваква помош ќе биде дистрибуирана и до семејства во руралните средини, односно во штипскиот и карбинскиот регион, вели Камчев.

Раководителот на Центарот за социјални работи Штип Наталија Панова, вели дека согласно препораките од Владата и Министерството за труд и социјална политика уште минатиот четврток се посетени сите семејства кои се во социјален ризик, побарале да се изјаснат дали сакаат да бидат згрижени во рок од седум дена.

– Семејствата се изјаснија дека не сакаат да бидат згрижени, останаа да живеат во своите скромни домови, а вработените од Центарот постојано ги  контактираат и посетуваат, вели Панова.

Во државниот студентски и ученички дом во Штип згрижено е едно лице од Радовиш, кое побарало на овие ниски температри да биде удомено на тополо и да има топол оброк.