Конференција за рударската индустрија „ПОДЕКС-ПОВЕКС 2016“ во Струмица

Во Струмица започна 9. Стручно советување со меѓународно учество од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини „ПОДЕКС-ПОВЕКС 2016“. Pреку 200 учесници на конференцијата, два дена ќе дискутираат и ќе разменуваат научно практични информации мислења и искуства за развој на рударскиот сектор.

Според Николајчо Николов, прв човек на Асоцијацијата за рударство при Стопанската комора на Македонија, треба да се менуваат работите кај неметалното производство.

– Во секоторот за метали во рударството има годишен извоз од 150 милиони долари, а увоз од околу 110 милиони долари што покажува дека имаме позитивен однос. Кај неметалниот сектор, увозот изнесува 295 милиони долари, а извоз само 50 милиони долари. Тука на ова советување треба да видиме кои се местата кои треба да ги менуваме за да се наммали зависноста од увоз, а да се зголеми извозот, вели Николов.

Според него, производството на тули е сликовит пример за состојбата со неметалите.

– Производството на домашни градежни тули, денес е сведено на минимум, а извозот e нула проценти. Од друга страна увозот на овој артикл изнесува од 3 до 3,5 милиони долари. Треба на тоа да се фокусираме. Треба да видиме како да се подобри домашното производство за надминување на овој дефицит, вели Николов.

Организаторот на конференцијата професорот Зоран Панов од Рударскиот факултет од Штип, вели дека симпозиумот е одлична можност да се слушнат најновите научни достигнувања од областа на рударството, но и да се видат техничко-технолошките аспекти на штандот на рударска опрема кој е поставен за гостите.

– Од национална, преминавме во меѓународна конференција, освен од соседните држави имаме гости и од Словенија и Германија. Сакаме да го подигнеме нивото на рударството како наука, но и да навлеземе во стручни трудови и презентација на нова опрема и достигнување. Од година во година се зголемува бројот на научни трудови во рударството. Отворањето на рудникот Иловица на Еуромакс ресорсис ќе биде предизвик за инжинерската наука, не само во делот на современата опрема туку и употребата на најсовремените стандарди за заштита на животната средина, изјави Панов.

Во Македонија има над 170 активни рударски претпријатија и над 500 кои се занимаваат и со преработка на минералните суровини, а вкупно во овој сектор вработени се над 12.560 работници. Рударскиот сектор во БДП учествува со 1 процент, што е двојно повеќе од 2005 година кога рударството учествувало само со 0,5% во БДП.