„Мојата мала Европа“ во Крива Паланка

Со финансиска поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Програмата Еразмус+, во основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка се имплементира проектот „Мојата мала Европа“.

Проектот ќе обезбеди можност за културна интеграција, ќе ја поттикне страста за знаење и учење за познатите личности, ќе ја развие способноста за тимска работа и ќе го развие знаењето за комуникациски технологии.

Проектот се состои од две фази. Во првата, децата и тинејџерите ќе треба да направат презентација за некој херој кој го запознале на часот по мајчин јазик, херој од литературата, на часовите по историја, географија или физичка култура, национален или регионален херој, истражувач или спортист што ќе резултира со запознавање на другите европски земји преку презентација на нивните национални херои.

Според невродидактичарите ваквиот пристап кон предавањето и учењето е многу поефикасен. Децата учат за историјата на една земја со запознавање на херојот- тие се идентификуваат себе си со херојот и ги паметат информациите побрзо и поефикасно. Учениците ќе ги разменуваат своите презентации преку имејл, скајп и социјалните медиуми, учејќи како да ги користат комуникациските технологии.
Во првата година од проектот ќе се забележи вклученоста на наставниците, додека главниот фокус во вториот дел од проектот ќе биде врз анализата на резултатите и подготвување на препораки кои ќе се имплементираат во училиштето.
Главната цел и препорака на невродидактиката е предавање кое не е оптоварувачко за мозокот, употреба на когнитивната љубопитност кај учениците и моќта на умот како и комбинирање на когнитивното знаење со емоциите, дозволувајќи им на учениците да претпоставуваат и слободно да бараат решенија кои не се ограничени на вербалната комуникација и да си го олеснат собирањето на поединечни информации во една кохерентна целина.
За да се пренесат принципите на невродидактиката во училиштата треба да се разберат навиките на учениците. Врз основа на тоа партнерските училишта ќе можат да развијат посебни препораки за да се олесни процесот на учење.
Во текот на втората година од проектот, децата од сите партнерски училишта ќе направат книга, албум кој ќе содржи фотографии и описи на хероите, а најдобрите книги од сите училишта ќе бидат објавени.