Штипските пензионери се подготвуваат за регионални спортски игри

Штипските пензионери на 10 јуни ќе бидат домаќини на 400 пензионери од регионот во рамки на седмите по ред регионални спортски пензионерски игри.

Пензионерите ќе се натпреваруваат во девет дисциплини: стрелање, тегнење јаже, фрлање на ѓуле, пикадо, шах, домино, табла, скок од место и трчање. Победниците на овие спортски игри ќе учествуваат на државните спортски пензионерски игри, кои годинава ќе се одржат во Кочани.

Претседателот на Здружението на пензионери за општините Штип и Карбинци, Александар Захариев, изјави дека на денешната седница координативното тело кое ги организира игрите биле одредени судиите, терените и како ќе се реализираат игрите со цел, како што рече, да бидат во духот на спортот и да има поголемо дружење меѓу пензионерите од Штип, Струмица, Ново Село, Радовиш, Лозово, Свети Николе и  Карбинци.

– Во Штип ќе се одржат седми по ред спортските игри на регионално ниво. Што значи натпреварувањето ќе биде во духот на дружење, на пријателство. Сакам да ги поканам нашите сограѓани да не посетат, а игрите ќе се одржат на 10 јуни. Главниот терен ќе биде во гимназијата „Славчо Стојменски“, а додека атлетика и останатите дисциплини ќе се одржат на Градскиот стадион во Штип, рече Захариев.

Според Лилјана Младеновска, член на Комисијата на Сојузот на пензионери на Република Македонија, Штип нуди добри  условите за одржување на регионалните пензионерски игри.