Во сеидбата на оризот најзастапени домашните сорти

Во годинешната сеидба на оризот во регионот на Источна Македонија земјоделците најчесто ги користеа домашните сорти кои се со потврден квалитет, а на одделни места се застапени и три сорти на турски ориз.

– Во сеидбата и пролетва земјоделците користеа семенски материјал од домашно производство. Најзастапени сорти на ориз се Монтичели, Сан Андреа, Монтеса  и Глорија. Сортите Примариска и Примавера земјоделеците ги насадија во атарите на Блатечко и Прибачевско поле  каде што и водата е постудена. Во сеидбата на оризот и годинава земјоделеците ги користеа трите турски сорти на ориз  Халиобе, Гала и Ѓонен, кои се регистрирани за роизводство во Република Македонија, изјави Добре Андов од Институтот за ориз од Кочани.

Во регионот на Источна Македонија се насеани само 2.500 хектари со ориз бидејќи сушата и немањето доволни колични вода во акомулацијата Калиманци беа причина  сеидбениот план од 5.100 хектари под ориз да биде преполовен.
– Сеидбата успешно е приведена конкрај. На почеток ги користевме проточните води од реките во регионот, како што се Оризарска, Кочанска, Зрновска, Злетовска и Брегалница, а подоцна ја пуштивме и водата од акомулацијата Калиманци по левиот и десен магистрален канал. Моментно во акумулацијата Калиманци има акумулирано 78 милиони метри кубни вода, изјави Николчо Гоцев, директор на Водостопанство од Кочани.