Порача оти нема да дозволи политички притисок: Иван Џолев на чело на Кривичен суд

Иван Џолев официјално застана на чело на Основниот суд Скопје 1. Откако ја даде свечената заклетва пред колегите од Судскиот совет и ја презеде функцијата, истакна дека повеќе нема алиби состојбите да не се поправат. Порача и оти нема да дозволи политички притисок врз судиите, а од нив ќе бара да работат согласно законите.

Џолев најавува анализа на досегашната работа, но и промени и преструктуирања ако се потребни. Сепак, ќе се обиде да ја испочитува волјата на колегите.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски, по свеченоста, на новинарско прашање одговори дека четири судии од кривичниот суд, кои во време на претходниот претседател Владимир Панчевски беа делегирани од судовите во Неготино, Тетово и други градови, се вратиле во матичните судови.

Исто така, Караџовски реагираше и дека Владата со новиот буџет не предвидела зголемување на надоместокот на судиите поротници, па наскоро би можело да се очекува и блокада на судењата.

Џолев седна во претседателското столче на Кривичниот суд откако неговиот претходник Стојанче Рибарев си поднесе оставка, поради како што наведе, лични причини. Судскиот совет на Република Македонија пред два дена со 11 гласа „за“ и два „против“ му ја додели функцијата, на која што претендираа и шестмина други колеги. По заклетвата, Џолев нагласи дека што се однесува до него закопани се воените секири со неговиот претходник Панчевски.

Ивица Стојановски