Берлин бара од Атина расчистување на случајот за пратката со бомба

Германското Министерство за внатрешни работи побарало од грчките власти да се расчисти целосно случајот со пратката во Министерството за финансии на Германија, во која се наоѓаше бомба спакувана во пакет.

– Очекуваме од грчките власти брзо расчистување на случајот, со цел да бидат откриени извршителите, истакна германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.

Според весникот „Рајнише пост“, претставник на полицијата во Берлин изјавил дека засега органите на редот не планираат да даваат изјави во врска со деталите за случајот.

Весникот „Билд“ пак тврди дека досега германските власти не ја потврдиле информацијата оти пакетот-бомба го примил германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

Грчкиот пратеник од партијата Нова демократија Адонис Георгиадис, кој беше наведен како нарачател за испраќање на пакетот, изјави дека терористи го искористиле неговото име, бидејќи во Грција е сметан за пријател на Шојбле.