Прокурдската Демократска партија на народите ќе ги бојкотира уставните измени во турскиот Парламент

cdscsdscd

Прокурдската Демократска партија на народите (ХДП), на која многу пратеници и се во затвор, соопшти дека ќе го бојкотира гласањето за уставни измени во турскиот Парламент, со кои треба да се зајакнат ингеренциите на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Ние нема да го искористиме нашето право за гласање за овој нелегален проект во ситуација кога нашите пратеници се неправедно уапсени и со тоа се спречени да ги вршат своите функции“, напиша синоќа на Твитер портпаролот на ХДП.

Единаесет од 59-те пратеници на ХДП се наоѓат во моментов во затвор поради сомнение за поддршка на Курдската работничка партија (ПКК), која од Турција, САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација.

Турскиот Парламент вчера почна дискусија за уставните реформи, што предвидуваат воведување извршна претседателска власт.

Проектот треба да добие поддршка од најмалку 330 од вкупно 550 пратеници за да може да биде предложен за гласање на референдум.

Владејачката исламистичко-конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) и националистичката Партија на националистичка акција (МХП) кои го поддржуваат проектот, имаат вкупно 355 гласа.

Пратеникот на ХДП, Селахатин Демирташ, кој исто така е ставен во притвор, вчера до турскиот парламент испрати петиција со која инсистира пратениците кои се во затвор да добијат право да гласаат.