Роднините на Трамп во Германија несреќни со изборот на Американците

Дел од граѓаните на градот Калштад, од каде дедото и бабата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се преселиле во САД, денеска се разбудија во лошо расположение, објавија германските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во малото питорескно градче Калштад сместено меѓу градовите Франкфурт и Штудгарт, во близна на Мајнхајм во германската покраина Рајна Палатинат, никој не очекувал нивниот далечен роднина, сега милијардер, да победи на американските избори,

– Навистина е застрашувачки, се чувствувам посрамено поради него. Бев будна цела ноќ и спиев само три часа. Му кажував на сопругот дека ги знам сите луѓе во градот и никој од нив не зборува како него, ниту ги делат неговите гледишта, вели Вероника Шрам, 69-годишна сопственичка на хостел во Калштад.

Дедото на Трамп, Фридрих кој подоцна го променили името во Фредерик, го напиуштил Калштад кон крајот на 19-от век и заминал во Њујорк во времето на златната грозница.

– Победата на Трамп нема голема важност овде. Ќе ми биде драго кога медиумите ќе загубат интерес за овој град. Трамп е голем актер, но не мислам дека ќе убеди некого во своите политики, вели пензионерот Ханс Јоаким Бендер, кој е еден од директните далечни роднини на новиот претседател на САД.

Жителите на Калштад се плашат дека победата на Трамп може да влијае врз Германија и Европската Унија. Вероника Шрам мисли дека нејзините внуци можат да растат во „радикално поинаква Германија од онаа која ја знаеме“.

– Мислам дека ќе и се преврти стомакот, е одговорот на Шрам на прашањето што мисли за средбата меѓу Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.