Сириза и Нова Демократија во паника: Во Грција се формира нова партија која очекува да дојде на власт

По нискиот рејтинг на централно- левичарски ориентираните партии и откако ПАСОК и Демократската левица, заедно како Демократска коалиција учествуваа на минатите избори во Грција, се роди идејата да се формира нова партија која ќе биде централно – левичарски ориентирана, а нејзиниот лидер да биде избран од граѓаните.

В недела ќе се одржи првиот круг, а Грците ќе имаат можност да одберат еден од деветмината кандидати, меѓу нив и актуелната претседателка на ПАСОК, поранешни и сегашни членови на ПАСОК, лидерот на партијата Река, градоначалникот на Атина.

– Фофи Генимата (52), претседател на ПАСОК од јуни 2015, во минатото била заменик министер во Министерствата за одбрана, за внатрешни работи, образование и здравство;

– Никос Андрулакис (38), актуелен европратеник, поранешен секретар на централната комисија на ПАСОК;

– Ставрос Теодоракис (54), лидер и основач на партијата Река (Потами), поранешен новинар;

– Јоргос Каминис (63), градоначалник на Атина;

– Јанис Рагусис (51), поранешен министер во владата на ПАСОК на Јоргос Папандреу;

– Константинос Гациос (60), професор, декан на Економскиот факултет во Атина, поранешен член на подмладокот на ПАСОК;

– Јанис Мањатис (61), пратеник на ПАСОК, поранешен министер;

– Апостолос Пондас (43), претседател на партијата Сојуз на демократски национални реформи (ЕДЕМ) фракција на Демократската коалиција;

– Димитрис Ѕиотис (48), бизнисмен;

В недела ќе бидат отворени сите 982 гласачки места во Грција, а во изборот на нов претседател на новата центално-левичарска партија ќе може да учествуваат сите Грци кои имаат право на глас, а не само членови на политичките партии, но ќе мора да платат три евра за гласањето, за да се покријат трошоците за целиот процес на одржување на изборите.

Доколку во првиот круг ниту еден од кандидатите не добие 50 отсто плус еден од гласовите, тогаш вториот круг ќе се одржи на 19 ноември меѓу двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови.

За Грците да се запознаат со програмата, идеите, предлозите и ставовите на сите кандидати, на државната телевизија ЕРТ се одржаа два ТВ дуела меѓу сите учесници во изборите за нова централно – левичарска партија.

Сепак, испитувањето на јавното мислење на солунскиот Универзитет Македонија за информативниот портал „Протагон“, покажало дека е многу низок интересот на граѓаните за изборите в недела. Дури 60 проценти од испитаниците одговориле дека воопшто не ги интересира изборот на нов претседател на новата партија, а 86,5 отсто од анкетираните немаат намера и не се заинтересирани да гласаат.

Според анкетите, објавени во изминатиот период во грчките медиуми, фаворит за лидерската позиција е актуелната претседателка на ПАСОК, Фофи Генимата, а зад неа, но со речиси двојно помалку проценти се градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис и лидерот на Река, Ставрос Теодоракис