Средба Димитров-Коѕијас во Брисел, се прави терен за продолжување на преговорите за името

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Брисел ќе имаат средба на која се очекува главна тема да биде продолжувањето на преговорите за разликите околу името.

Нивната средба ќе се случи за време на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на кој учествуваат и претставници на земјите кандидати.

Во последно време зачестија средбите помеѓу Димитров и Коѕијас со што се засилија шпекулациите дек двете земји се подготвуваат за затворање на повеќе од дведеценискиот билатерален спор.

Доколку се најде решение за спорот  за името Македонија би можела да добие покана за членство во НАТО, откако се уште е на сила блокадата од страна на Грција од самитот во Букурешт во 2008 година, но и да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Како датум до кога би можел да се реши спорот се споменува јули следната година. Дотогаш пак треба да започнат поинтензивните средби, најнапред помеѓу двајцата преговарачи а потоа и на повисоко ниво.

Пред неколку дена премиерот Заев навести дека добрите односи кои ги градат со сите соседи , и секако со Грција треба да помогнат да се најде решение.

Игор Чавески