Берлин бара поголема безбедносна интеграција во ЕУ по изборот на Трамп

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен денеска изјави дека победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, е сигнал до Германија да ги засили напорите за поголема безбедносна интеграција во Европа.

Како што јави дописникот на МИА во Берлин, во авторски текст во весникот „Рајнише Пост“, германската министерка за одбрана вели дека како голема нација во центарот на Европа, Германија ќе има важна двојна улога.

– Од една страна Германија треба да гради мостови со новата администрација на Трамп, а од друга страна мора да ја брани својата позиција секаде каде што е можно во блиска соработка со своите европски партнери. Во областа на безбедноста Европа ни од далеку не е толку одлучна и сопособна за делување, колку што ние би сакале, пишува Фон Дер Лејен, негласувајќи дека секој конфликт внатре во НАТО му одговара на оној што не ги дели западните вредности.

Пораките од минiстерката за одбрана на Германија доаѓаат по релативно острите коментари на германските политичари за изборот на Трамп, но и по барањето на еден од водечките германски институти за надворешна политика, кој од Владата во Берлин очекува да ја промени својата надворешна политика кон поголема независност од САД.

Промената мора да се случи без разлика дали Трамп или Клинтон ќе победат на изборите, пишува во извештајот на Инститот за меѓународни и безбедносни прашања од Берлин (СВП) објавен пред американските избори.

Овој тинк-тенк со седиште во Берлин во својата студија со наслов „Дури и без Трамп многу ќе треба да се менува“, повикa на многу поагресивна надворешна политика, која треба да ги следи германските економски и геополитички цели независно од тие на САД.

Невообичаено за германски научни центри во студијата се бара доколку е потребно Германија да се конфронтира со САД доколку тоа е од интерес за земјата.