Боздаг: Договорена е средба за надминување на дипломатската криза

Турски и американски претставници одлучија да имаат средба со цел да се реши дипломатскиот спор меѓу двете земји-членки на НАТО, изјави денеска турскиот вицепремир Бекир Боздаг.

Тој додаде дека вчерашниот телефонски разговор меѓу шефот на турската дипломатија Мевлут Чавашоглу со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон бил конструктивен.

– Разговорот меѓу министерот за надворешни работи и Тилерсон беше многу конструктивен, истакна Боздаг.

Претходно, Стејт департментот соопшти дека во телефонскиот разговор Тилерсон – Чавушоглу, државниот секретар изрази „длабока загриженост“ поради притворањето на членови на персоналот на американските дипломатски мисии во Турција.

– Тилерсон ја повика турската Влада да изнесе докази за обвинувањата против двајцата членови на дипломатскиот персонал на САД, кој годинава беа уапсени во Турција, се наведува во соопштението.

Поради апсењето на вработени во американските дипломатски мисии во Турција, Вашингтон пред неколку денови го запре издавањето на визи за Турците, на што Анкара одговори со реципрочна мерка, што доведе до дипломатска криза.

Во меѓувреме турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција добила барање од САД за решавање на спорот.

– Соработката меѓу сојузничките од НАТО, Турција и САД во борбата против Исламска држава не е доволна и сегашната дипломатска криза не е сложена и би можла да се реши за еден ден, истакна портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калан.

Поради апсењето на вработени во американските дипломатски мисии во Турција, Вашингтон пред неколку денови го запре издавањето на визи за Турците, на што Анкара одговори со реципрочна мерка, што доведе до дипломатска криза.