Британија планира бројот на мигрантите од ЕУ да го сведе на околу 100 илјади

Британската тинк-тенк организација за прашања поврзани со миграциските движења „Мигрејшн Воч“ проценува дека Владата на премиерот Тереза Меј планира по Брегзит бројот на мигрантите кои доаѓаат од земјите на ЕУ да се сведе на околу 100 илјади.

Ваквата проценка на оваа проториевска организација доаѓа откако неколку лондонски медиуми обелоденија дека Владата веќе има изготвено план за тоа како да се одбиваат европските мигранти да доаѓаат во Британија.

Дел од медиумите ваквиот план го објаснуваат како реализација на политиката – „прво британските работници“, кој предводниците на кампањата за напуштање на ЕУ го промовираа пред референдумот за Брегзит.

Овој документ, за кој се вели дека им е доставен на медиумите, покажува дека Владата во Лондон ќе воведе многу построги прописи за овие мигранти, посебно за оние кои се ниско-квалификувани или се неквалификувани.

За нив дозволата за престој ќе биде со покус рок, што се оправдува со државните интереси, потребата од социјална кохезија и пред се, со настојувањето драстично да се запре доаѓањето на работна сила од земјите на ЕУ, а пред се на оние од источниот дел на континентот.

Лондонски „Тајмс“ предупредува дека драстичното затворање на вратата за европските работници, веднаш по формалното излегување од ЕУ предвидено за март 2019 година, ќе ја вознемири британската бизнис заедница, која стравува од недостиг на работна сила за цела низа сектори, како земјоделството, прехранбената индустраија или градежништвото и услужните дејности, во кои Британците не сакаат да работат.

Проториевскиот весник „Дејли Телеграф“ предупредува дека откривањето на овој владин документ би можело да ги отежне преговорите со ЕУ кои и онака по само три рунди се во криза.

Анти-Брегзит групата „Отворена Британија“ остро го осудува ваквиот документ, означувајќи го како „циничен пристап на Владата на Меј, која е определена да ги одврати луѓето да доаѓаат во Британија“.

Засега нема официјална реакција на откритието на весниците, освен изјавата на Меј во Парламентот дека Британците на референдумот гласале за намалување на приливот на мигранти од ЕУ.

Неидентификуван извор од Хоум Офисот, пак, рекол за „Фајненшл Тајмс“ дека објавениот документ е само една од владините предлог верзии и дека конечниот текст ќе се менува, во зависност од позициите на другите министерства, на Даунинг стрит 10 и од тоа како ќе течат преговорите со ЕУ.