„Дојче веле“: Планот на Јункер за ЕУ може да падне во вода

Шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја гледа Европа во налет и предлага сеопфатни реформи, но некои од нив би можеле да паднат во вода поради одделни членки, оценува „Дојче веле“.

Со употреба на морнарски речник, Јункер зборува дека Европа повторно има ветер в грб, дека треба да ја крене котвата и да ги рашири едрата за заедничката иднина. Тој апелира на единство и инсистира на поголема интеграција во ЕУ.

Но, во анализата на „Дојче веле“ се наведува дека овие замисли не се вклопуваат во Европа со две брзини, каква што заговараат Париз и Берлин.

Францускиот претседател Емануел Макрон бара Еврозоната да стане јадрото на една силно интегрирана група. Од друга страна, шефот на Еврокомисијата сака сите членки на Унијата да го воведат еврото, па дури и оние кои економски заостануваат. Тие земји треба да се повлечат за рака, смета Јункер.

– Сепак, какви фатални последици би можело да има кога послаба земја ќе се стави во корсетот на евродисциплината, се гледа на примерот на Грција. Значи, планот на Јункер, поради големите европски држави, би можел да падне во вода, се наведува во анализата.

Во неа уште се истакнува дека Европа во иста брзина, како што ја замислиле основачите, одамна се покажа како непрактична. Поради зголемувањето на бројот на државите-членки, тоа често завршуваше со институционален застој. Возот замина во друга насока, се наведува во текстот на „Дојче веле“.

Авторката на написот забележува дека кризата со земјите од Вишеградската група, Јункер елегантно ја избегнал, а другите држави од Источна Европа ги повикал повеќе да се приближат кон Шенген и Еврозоната, притоа заборавајќи да ги опомене Полска и Унгарија за недостиг на владеење на правото. Во анализата се наведува дека иако тоа е политички паметно, сепак не треба спорот да се става под тепих.

Што се однесува на делот на говорот на Јункер за Турција, во анализата се оценува дека тој ги одбрал вистинските зборови кога побара ослободување на уапсените новинари и крај на бесрамните навреди на сметка на европските влади. Тој истакна дека раката на Европејците останува пружена кон демократите во земјата, ни сепак  не прозоборе за прекин на преговорите, како што се бараше во германската предизборна кампања.

– Повеќето земји од ЕУ заговараа прво дипломатска линија, иако повредата на владеењето на правото во Турција, од аголот на европските вредности, е неподнослива, се наведува во анализата.