Една од првите жалби падна – ни помалку ни повеќе против Трамп Јуниор

Американците гласаат, Трампови твитаат. Една од првите жалби падна – ни помалку ни повеќе против Трамп Јуниор.

Неговиот син Ерик, сакајќи да му помогне на татко си, на социјалните мрежи објави слика од гласачкото ливче и го прекрши законот со кој се забранува јавно објавување на изборна документација во текот на изборниот ден. Поплака пристигна и од штабот на Трамп – неговите адвокати поднеле тужба во државниот суд на Невада бидејќи место за рано гласање било отворено два часа подолго од предвиденото за да ги прими луѓето што чекале во редица. Како што оценува ЦНН, тоа е знак дека адвокатите на милијардерот подготвуваат терен за потенцијално правно оспорување на резултатите. Во САД нема ден на предизборен молк, а на големо се лобира дури и за време на самото гласање. Така републиканецот веќе се јави во видео снимка на Твитер и ги повика своите поддржувачи да излезат и да гласаат.

„Сите зборуваат за рекордна излезност на гласачките места. Неверојатно е и ве молам да излезете на гласање. Гласајте денеска, ќе ја направиме Америка повторно голема. Ветувам“, истакна Доналд Трамп.

Републиканецот кој веќе го даде својот глас за себе на Менхетен, на гласачкото место беше дочекан со измешани чувства и исвиркан.

„Беше малку хаотично, најблаго кажано. Бев овде кога дојде и не бев сигурен што да очекувам. Го исвиркаа“, изјави Род Берг, гласач

И додека се знае дека Трамп и Клинтон гласаа за себеси, поранешниот претседател Бил Клинтон за сопругата, не е јасно чие име го заокружи Меланија Трамп. Би било логично и таа да го дала својот глас за сопругот, но на една фотографија се гледа како тој да не е баш сигурен – упатува поглед преку заштитната ограда зад параванот на Меланија. Сликата брзо се рашири низ социјалните мрежи, но коментарите на овој навистина наивен пример покажува колку е лесно во дигиталната ера да се манипулираат и да се преувеличуваат работите. По повеќенеделни обвинувања за наместени избори, на гласачките места до сега беа забележани само рутински проблеми како долги редици и застои поради расипани компјутери.

Ивана Салтировска