Ердоган: Уапсениот вработен во американскиот Конзулат е шпион

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека уапсениот член на персоналот од Конзулатот на САД во Истанбул е шпион.

Тој истакна дека Турција има право да преземе чекори при постоење „внатрешна закана” за земјата.

Ердоган, на прес-конференција во Белград, го обвини американскиот амбасадор во Турција за уривање на врските меѓу сојузници во НАТО по одлуката за прекин на визните услуги за турски државјани во американските дипломатски мисии во земјата поради апсењето на Метин Топуз, турски државјанин вработен во Конзулатот на САД во Истанбул.

– Како овие шпиони да влезат во американскиот конзулат? Ако тие не го навлекле во американскиот конзулат, кој го сторил тоа?, праша турскиот претседател на прес-конференција со својот српски колега Александар Вучиќ.

Според Ердоган, „ниту една земја нема да дозволи такви шпиони да претставуваат внатрешна закана“, мислејќи на случајот Топуз, како и за уште еден вработен во конзулатот, кого турските власти сакаат да го сослушаат.

Турските власти го обвинија Топуз за шпионажа и врски со муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој според турската Влада е одговорен за обидот за државен удар, што се случи минатата година.