Ероган: Турција веќе не е послушна земја

 Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја засили својата антизападна реторика пред денешата средба на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу  и високо позиционираните претставници на Европската Унија, изјавувајќи дека заврши времето на послушна Турција, која се потчинува на секое западно барање, пренесоа американските медиуми.

Апсењата од минатата недела на група активисти под обвиненија поврзани со тероризмот, меѓу кои и на германски државјанин, го ескалираа дипломатскиот спор меѓу Турција и Германија. Претходно Турција уапси новинар со турско и германско државјанство под сомнение дека шпионира и им помага на курдските бунтовници.

– Западот сака Турција да ги исполнува нивните барања без да поставува прашања….. жалам, но ваквата Турција веќе ја нема, изјави Ердоган на средбата со пратениците на владејачката Партија на правото и развојот.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и министерот за ЕУ, Јомер Челик, денеска во Брисел треба да се сретнат со високиот претставник на ЕУ за надвошна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Долгогодишната кандидатура на Турција за членство во ЕУ одамна е замрзната и не покажува знаци за напредок, забележаа американските медиуми.

Активистите денеска ја повикаа Европската Унија денешната средба со турскиот министер да ја искористат за притисок врз Анкара за ослободување на нивните колеги, кои беа приведени во рамки на кампањата на турските власти врз опозицијата по минатогодишниот обид за преврат.

Генералниот секретар на Амнести интернешенел, Салил Шети, на високите претставници на ЕУ Фредерика Могерини и Јоханес Хан им врачи петиција.

– Турција треба да добие јасна порака дека ЕУ сака да ги преформулира своите односи со Турција и дека нивните активности ќе имаат последици, затоа што во моментов тие чувствуваат дека нема последици, изјави Салил Шети.

Шефот на Амнести интернешенел за Турција, Идил Есер, и претседателот на локалната филијала на оваа организација за заштита на човековите права, Танер Калач, се меѓу приведените, напоменуваат американските медиуми.

По неуспешниот обид за преврат од 15 јули 2016 година во Турција приведени се над 50.000 лица, вклучувајќи и новинари и опозициски пратеници. Критичарите изјавуваат дека репресиите првично биле насочени кон луѓето осомничени во врски со обидот за преврат, но потоа се проширија и кон владините опоненти.

Турција својата кандидатура за членство во ЕУ ја поднесе пред три децении,  а преговорите за членство ги почна во 2005 година. Но, од 16 преговарачки поглавја за различни прашања, што варираат од движењето на капиталот до безбедноста на храната, само едно, и тоа за наука и истражувања, до овој момент е затворено.

Денешните разговори во Брисел се очекува да зафатат серија прашања, вклучувајќи ги приклучувањето на Турција кон ЕУ, имиграцијата, барањата на Турција за безвизен режим за нејзините граѓани, борбата против тероризмот и енергестките и трговски врски.