ЕУ од јуни го укинува надоместот за роаминг

Граѓаните на ЕУ од јуни годинава повеќе нема да мораат да плаќаат дополнителен надомест за роаминг при користење на мобилните телефони надвор од своите матични земји на териториите на другите држави на Унијата.

Ваквата одлука е донесена на денешната средба на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел, со што конечно ќе биде реализиран планот за „бесплатен роаминг“ што Европската комисија го најави уште на почетокот на 2015 година.

– Ова е последниот дел од сложувалката. Од 15 јуни Европјеците ќе можат да патуваат во рамките на ЕУ без плаќаат надомест за роаминг, изјави потпретседателот на Европската комисија задолжен за единствениот дигитален пазар, Андрус Ансип.

Реализацијата на овој план досега беше одлагана поради противењето на мобилните оператори во некои од туристичките велесили, како Италија и Шпаннија, кои се заканува со зголемување на цените за домашните корисиници, за да ја надоместат загубата што ќе ја имаат со укинувањето на надоместот за роаминг.

Тие тврдеа дека во таква ситуација „посиромашните Европејци од Југот, ќе мораат да плаќаат за побогатите од Северот“.

Пред да стапи во сила, оваа одлука треба да биде одобрена од Европскиот парламент, што се очекува да биде чиста формалност.