Германија со поголем буџет за безбедност и разузнавачките служби

Пратениците во германскиот Бундестаг се согласиле да го зголемат делот од федералниот буџет со кој се финансираат проектите во безбедност и активностите на разузнавачките и контраразузнавачките служби, објавуваат германските медиуми, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Според весникот „Ди Велт“ пакетот мерки усвоени од комисијата за буџет при парламентот во Берлин се согласила за вработување на дополнителни 3250 федерални полицајци во наредниве неколку години. Според информациите добиени од пратениците членови на комисијата само во новата сојузна агенција која што ќе се занимава со разбивање на криптирана комуникација на луѓе опасни по германската внатрешна безбедност ќе бидат вработени нови 60 луѓе.

Поголем буџет има и за програмите за цивилна заштита и заштита на мигрантите.

Според весникот „Зуд Дојче Цајтунг“ комисијата за буџет се согласила германската разузнавачка агенција БНД да добие свој сателит за остварување на своите активности. Досега БНД користеше фото, видео и аудио податоци од сателитите во сопственост на германската армија или пријателските разузнавачки агенции.