Гуам: Тропски рај и нуклеарен кошмар

– Не го гледајте сјајот или огнената топка, може да ве заслепат.
– Легнете на земја и покријте ја главата, ударниот бран може да дојде со задоцнување.

Вакви летоци со упатства во случај на ракетен или нуклеарен напад од Северна Кореја почнаа да делат властите на американскиот остров Гуам. Во тропскиот рај со бели песочни плажи и тиркизни бранови, иако не се забележува намалување на бројот на туристите, се чувствува стравот дека секој момент може да бидат изложени на напад.

-Некако е страшно, но мораме да имаме доверба во нашиот претседател, во нашата војска. Мал остров сме, шансата да не погодат е само 1 од 10. Но мораме да се чуваме едни со други, да се молиме и да бидеме внимателни;

-Како татко, ова ме загрижува многу. Повеќе би сакал да не дојде до тоа, дека светот ќе смисли друго решение да го реши проблемот, велат жители на Гуам.

Доколку властите издадат предупредување за напад, жителите ќе имаат само 14 минути за реакција. Според упатствата, во случај на нуклеарен напад, треба да се скријат во бетонски објект, по можност под земја, да имаат подготвено опрема за итни случаи, да се искапат со многу сапун и вода за да го отстранат радиоактивното загадување.

Властите за сега не го зголемуваат нивото на закана за Гуам, иако Северна Кореја најави планови за напад во близина на островот во наредните недели. Жителите велат – Ким Џонг Ун е луд како тајфун, но не е толку страшен.

-Ни се закануваат, па да ги видиме. САД се силни, сигурно ќе ги средиме, вели еден жител.

-Северна Кореја нема шанса да се пробие со проектил до Маријанските Острови, војската може да пресретне се што се обидува да влезе во границите на САД. Нека и е со среќа на Северна Кореја, вели друг жител на Гуам.

На Гуам се наоѓа и американската база Андерсон, крило што се смета за платформа за воената моќ на САД. Овде се стационирани 16 илјади американски војници и е најголемото складиште на гориво и муниција на американското воздухопловство. Може да се примат дополнителни сили од каде било во светот и да одговорат на закани од Средниот Исток, Азија и преку Тихиот океан.

-Подготвени сме да одговориме на најразлични закани на повик на претседателот. Постоиме за да му овозможиме независна одлука за нашата безбедност. Подготвени сме уште денес, изјави Сем Вајт, полковник на американските воздухопловни сили.

Сепак, Северна Кореја не е наивен непријател. Американските бомби можеби може да пробијат до бункерите закопани длабоко под земјата, но овој пат САД ја немаат предноста на разузнавачки податоци за воената мрежа на изолираната земја. Севернокорејската армија е позната како една од најмоќните во светот во однос на човечка сила, а како што соопштува Пјонгјанг, дури 3,5 милиони работници, членови на партијата и резервисти се пријавиле да и се приклучат на војската во борбата против САД и новите санкции на ОН.

Со години тешките ембарга не го поколебаа народот и нуклеарен напад, колку и да изгледа неверојатен, може да ги натера САД да возвратат со иста мера, но вистинска промена на играта ќе биде доколку бидат принудени да испратат и копнени сили.

Подготви: Ивана Салтировска