Идентификуван напаѓачот од Париз – на полицијата и бил познат како потенцијален исламистички радикал

Напаѓачот што застрела полицаец во Париз е идентификуван според документите што ги оставил во автомобилот, но француските власти не го објавуваат неговото име.

Француските медиуми сепак јавија дека станува збор за 39-годишниот Карим Шеруфи, кој живеел во Ливри-Гарган во Сен Дени. И бил познат на полицијата како потенцијален исламистички радикал. Од почетокот конфликтни се информациите дали станува збор за разузнавачки пропуст – Белгија вчера и доставила налог за апсење на маж кој тргнал кон Франција, но бараното лице подоцна доброволно се јавило во полициска станица во градот Антверпен. Исламска Држава, која ја презеде одговорноста за нападот на Шанзелизе, го претстави како Абу Јусуф ал Белжики.

„Постои налог за апсење на лице за кое ни дојавија белгиските безбедносни служби вчера. Не можам да ви кажам дали е директно или од далеку поврзано со вчерашните настани на Шанзелизе, се уште е премногу рано. Имаме информација што треба да ја провериме“, изјави Пјер Анри Брандет, портпарол на француското министерство за внатрешни работи.

Француската полиција изврши претрес на станот на напаѓачот и уапсила три лица од неговото семејство. Во неговиот автомобил, пак, биле најдени автоматска пушка и ножеви. Во исламистички напади од 2015 во Франција загинале 238 луѓе, што го направи прашањето за исламскиот милитантизам клучно во за претседателските кандидати. За време на нападот, тие беа во ТВ студио за последната дебата пред изборите в недела. Неколкумина најавија дека ги завршуваат кампањите порано за да им изразат почит на безбедносните сили. Ако се согласни за едно, сите претседателски кандидати порачаа дека тероризмот не смее да помине неказнето и дека прва должност на претседателот е да заштитува.

„Моралниот предизвик пред нас денес и во годините што доаѓаат, е од една страна да не се поделиме, но од друга да се подготвиме за иднината. Сакаат да колабираме морално, да не гледаат како се распаѓаме. Нема да се препуштиме на тоа, не давајте му се на стравот„, рече Емануел Макрон, кандидат за претседател на Франција.

„Мораме да имаме борбен план да го заштитиме францускиот народ од тероризмот, пред се преку контрола на националните граници, затоа што терористите ги поминуваат непречено кога сакаат. Тоа е поврзано со Шенгенот – наметнато ни е ослабнување на границите што нашите политички лидери го прифаќаат со години“, изјави Марин Ле Пен, кандидатка за претседател на Франција.

Аналитичарите велат дека би се очекувало напад пред изборите да одигра во корист на Марин Ле Пен која бара пожесток одговор на исламскиот фундаментализам со затворање на границите за слободно движење и за мигрантите, ограничување на финансирањето на џамиите од странство и водење на молитвата на француски. Но вознемирените гласачи на крајот сепак можат да се свртат кон искусниот конзервативец, поранешниот премиер Франсоа Фијон.

 

До сега, четворица кандидати беа во тесна трка за врвот, со милиони се уште неопределени гласачи. Тешко е да се предвиди како ќе влијае нападот на исходот, но и кандидатите на центарот и на крајната левица, Емануел Макрон и Жан Лук Меленшон ќе мораат да бидат свесни дека народот не ги гледа како добри стратези во безбедносната политика. Пред изборите во недела, премиерот Бернар Казанев соопшти дека безбедносните сили, вклучувајќи ги елитните единици, се целосно мобилизирани. Во тек е итниот состанок на министрите, претседателот Оланд и безбедносните служби во Елисејската Палата.

Ивана Салтировска