Јункер: Трамп може да ги наруши односите на САД со ЕУ

Изборот на Доналд Трамп за нов претседател, носи ризик од нарушување на односите на САД со ЕУ, како „фундаментално, така и структурно“, изјави во Луксембург, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

– Она што сега треба да го направиме е да му објасниме на новиот претседател, како ЕУ функционира и што таа воопшто претставува, рекол Јункер на едно предавање.

Тој смета дека ќе бидат потрошени две години, додека Трамп не ја заврши својата „тура низ светот што тој не го познава“.

Претседателот на Европската комисија вели дека Американците „немаат интерес за ЕУ“ и тоа го илустрирал со неколку прашања што ги покрена Трамп во текот на предизборната кампања во САД, за кои Јункер предупредува дека може да имаат тешки последици.

Според Јункер, станува збор за доведувањето под прашање на транс-атланската алијанса и понудите за некаков нов модел на безбедност.

Во своите настапи, Трамп остро го критикуваше НАТО, што претставува основа на западноевропската одбранбена структура , а се залагаше и за подобрување на односите со Русија, што ги загрижува западните, а посебно источно-европските членки на Алијансата.

Жан Клод Јункер не му ја честиташе сам изборната победа на Трамп, туку тоа го направи преку заедничко соопштение со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.