Каталонската Влада нема до четврток да одговори на барањата на Мадрид

Каталонските власти нема до четврток да му одговорат на Мадрид дали минатата недела објавија независност на автономната област од Шпанија, јави каталонската телевизија ТВЕ 3, повикувајќи се на анонимни извори.

Мадрид ултимативно побара од премиерот на Каталонија Карлес Пуџдемон денеска до 10 часот јасно да одговори со „да“ или „не“ – дали е прогласена независноста на областа. Пуџдемон не го исполни ова барање. Сега веќе тече и вториот рок, кој Мадрид му го даде на Пуџдемон до четврток да се премисли, ако инсистира на независност.

Ако тоа не се случи, Мадрид има право да го употреби членот 155 од Уставот, со кој се овозможува да се ограничи автономијата на областа.

Пуџдемон рече дека Каталонија пристапува кон прогласување независност, но предложи замрзнување на тоа прогласување за неколку недели за да се овозможи дијалог за посредување со шпанската Влада.

Каталонската сепаратистичка група Асамблеа Насионал Каталана го повика Пуџдемон да ги игнорира предупредувањата од централната влада и дефинитивно да прогласи независност истакнувајќи дека понатамошно суспендирање на прогласувањето „нема смисла“.

Ист апел до него упати и клучниот политички сојузник во владејачката сепаратисчка коалиција во Каталонија – Кандидатура за народно единство, кои во писмо го повикаа Пуџдемон дефинитивно да прогласи независност од Мадрид.

Каталонскиот лидер денеска испрати и писмо до шпанскиот премиер Маријано Рахој во кое бара два месеца одлагање на прогласувањето независност заради разговори со централната Влада на Шпанија.

Пуџдемон, во писмото на четири страници, повикува на завршување на „репресијата над каталонскиот народ“ и на одржување состанок со шпанскиот премиер Рахој за да разговараат за состојбата во Каталонија и да постигнат договор.

Тој наведува дека дијалогот би требало да се одвива во текот на наредните два месеца и притоа побара од шпанскиот премиер да ја стопира судската постапка против шефот на каталонската полиција.

– Нашата понуда за дијалог е искрена и покрај се што се случи, напиша Пуџдемон